Заеднички особини и својства на луѓето кои изневеруваат

Приватни детективи од САД откриваат дека повеќето неверни мажи кои ги следат, најмени од нивните партнерки, честопати повторуваат исти вообичаени работи пред да одат кај љубовницата.

Истражителот Реј Рано од Конектикат вели дека следењето мажи може да биде многу досадно, па лесно се сфаќа „шемата“ од показатели коишто редовно му укажуваат дека прељубникот е на пат кон љубовницата. Раскажува само за дел од нив.

- Ако тргнал да се види со својата љубовница, мажот обично претпочита чист автомобил... Редовно оди во пералница за автомобили... Неверојатно е колку често го прават тоа. Жените не толку. Жените ретко го перат автомобилот пред неверството, бидејќи најчесто мажите се оние кои сакаат да возат. Многу ретко гледам момчето да влезе во автомобил на жена, рече Рано за „Локд ин“ (Locked In).

Тој појаснува и како ги снима своите „мети“ без да забележат - на пр., ја лепи камерата во пластична чаша за кафе.

- Ако седнам во кафуле или влезам во супермаркет - каде и да треба да бидам, само го симнувам капачето (од чашата) и така изгледа како да шетам со кафе в рака. Всушност, снимам сѐ, изјави тој.

Откако ќе собере доволно докази, видеата и сликите одат кај тој или таа што му плаќа.

Според истражување на „Ју-гов“ (YouGov) од 2022 година, 54 отсто од Американците откриле дека биле изневерени во моногамна врска - емоционално, физички или и двете. Приватниот детектив Арон Бонд вели дека дури и пред да го најмат за неговите услуги, луѓето кои се сомневаат во својот партнер ги забележуваат истите знаци.

- Кога партнерот ќе почне да се однесува поинаку со мобилниот телефон, тоа е знак дека можеби нешто не е в ред. Ако почне да го носи телефонот насекаде, дури и низ дома, или измислува изговори кога го / ја замолувате да Ви го даде телефонот, тоа може да биде знак дека тој / таа е во неверство, вели тој.

Следен признак на неверните луѓе е тоа што покажуваат помал интерес за партнерот. Заеднички поминатото време е сѐ помало, не покажува многу возбуда кога ќе Ве види, се повлекува, не сака да зборува за настаните од својот ден итн.

- Ако чувствувате дека Вашиот партнер одеднаш Ве избегнува и не сака повеќе да ги прави вообичаените работи со Вас... Тоа се предупредувачки знаци. Партнерите често ги избегнуваат своите сопружници или им кажуваат помалку за својот ден, бидејќи е невозможно да се запомнат сите лаги, објаснува професионалниот детектив.

И зголеменото и намаленото либидо може да биде признак за тајната.

- Прељубниците честопати се помалку заинтересирани за секс дома, бидејќи веќе го имаат надвор. Но, понекогаш може да бараат и повеќе секс дома затоа што се чувствуваат виновни. Тие го користат водењето љубов за да ја сокријат својата измама, вели Бонд.

Натаму, стресот од изневерувањето и чувањето сè внатре - може да предизвика многу негативни емоции коишто потоа ќе се излеат на површина во облик на вербални напади кон сопружникот.

- За да се ослободат од тензијата што ја чувствуваат внатре, ќе се обидат да се убедат себеси дека Вие сте проблемот и од никаде стануваат критички настроени кон вас, појасни Бонд.

Сепак, тој предупредува оти секоја врска е различна и дека овие знаци може понекогаш да укажуваат и на други, сосем различни проблеми. /МИА

Во Кочани одбележана 119-годишнината од загинувањето на Никола Карев

Со откривање на спомен биста на патронот во ОУ „Никола Карев“, во Кочани почна одбележувањето на 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер и претседател на Крушевската Република.

На свеченоста на која присуствуваа ученици, вработени, граѓани и претставници од централната и локалната власт, беше нагласено дека по три децении од преименувањето, училиштето добива соодветно спомен обележје што ќе го краси училишниот двор.

- Во 1993 година нашето училиште се одделило од друго основно училиште со кое заеднички носеле име на револуционер од југословенското минато. Во таа учебна година го добило сегашното име и имало многу време и простор да се постави обележје на патронот, но токму денеска, нам ни припадна честа да ја реализираме иницијативата. Бистата ја изработи и ја донираше скулпторот Борче Србиновски, за што упатуваме голема благодарност, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.

Учениците и наставниците од ОУ „Никола Карев“ организираа свечена програма со која го одбележаа патрониот празник, а признанија им беа оддадени на сите соработници, поддржувачи и вработени кои во изминатиот период дале придонес во унапредувањето на условите за настава.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, денеска претставници од општините од регионот и од граѓански здруженија го посетија спомен паркот во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани, каде загинал револуционерот. Исто така, почит на великанот му беше на оддадена со положување свежо цвеќе на спомен обележјата во Паркот на Револуцијата во Кочани и кај селото Тркање.

Премиерно изведена претставата „Мац Мац“ во велешкиот театар

На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Мац,Мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во неа настапија актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Режисерот Филип Петковски појаснува дека Вилијамс честопати презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјални притисоци и комплексност на нивите човечки односи. Најчесто тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница.

Додава дека и во неговата претстава „Мац Мац“ публиката проследи една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот, а во кој депресијата не е опција. Но за жал излезот го бара во погрешни вредности и супстанции за да ја прими дневната доза допамин. Појаснува дека тоа за жал тоа се луѓе кои сите ние добро ги познаваме со кои можеме да се поистоветиме или луѓе кои и ние самите сме биле. Потенцира дека за жал тоа е еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Инаку претставата има најава дека ќе биде изведена на фестивалот ФИАТ во Подорица, а потоа и на уште неколку фестивали.

Волстрит џурнал: Според американските разузнавачи, Путин не стои зад убиството на Навални

Разузнавачките агенции во САД утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави денеска Волстрит џурнал.

Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, почина во арктички казнен затвор во февруари на 47-годишна возраст. Неговите сојузници, вклучително и неговата сопруга, го обвинија рускиот лидер за неговото убиство - обвинение што Кремљ постојано го негира, пишува весникот.

Но, по неодамнешната проценка заснована на низа информации - вклучително и некои доверливи разузнавачки информации и анализа на јавни факти - американските разузнавачки агенции не веруваат дека Путин наредил убиство на неговиот противник.

Проценката, исто така, го зеде предвид времето на смртта и како таа го засени претседателскиот реизбор на Путин во март, пишува весникот, повикувајќи се на свои извори.

Весникот цитира извори кои велат дека заклучокот бил „нашироко прифатен во разузнавачката заедница и споделен од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и разузнавачката единица на Стејт департментот“.

Коментирајќи го извештајот, Леонид Волков, висок помошник на Навални, ваквите заклучоци ги нарече наивни и смешни, објави Волстрит џурнал.

притисни ентер