Нетанјаху до британскиот шеф на дипломатијата: Сами ќе решиме како ќе му вратиме на Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му порача на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон дека Израел „сам ќе одлучи“ како да одговори на иранскиот напад.

Нетанјаху рече дека неговата влада „ќе стори сѐ што е потребно за да се одбрани“. Британската влада се надеваше дека разговорите ќе помогнат да се спречи ескалација, јавува Би-Би-Си.

Нетанјаху постојано ветуваше дека ќе возврати на невидениот ракетен и беспилотен напад на Иран врз Израел овој викенд.

Камерон му рекол дека секој одговор треба да биде „паметен“ и ограничен. По средбата со Нетанјаху во Ерусалим, Камерон им рече на новинарите дека дошол да „покаже солидарност“ по „ужасниот“ напад од Иран.

„Се надеваме дека што и да прави Израел ќе биде ограничено, насочено и колку што е можно попаметно“, продолжи тој. „Не е во ничиј интерес да ескалира и тоа е она што многу јасно им го кажав на сите луѓе со кои разговарав овде во Израел“, додаде Камерон.

Израелскиот премиер по средбата изјави дека Израел самостојно донесува одлуки.

„Сакам да појаснам - ние самите ќе ги донесеме нашите одлуки, а државата Израел ќе направи сѐ што е потребно за да се одбрани.“ Изјавата на Нетанјаху ќе го зајакне верувањето во западните престолнини дека Израел е подготвен да му возврати на Иран.

Камерон подоцна ќе отпатува на состанокот на министрите на Г7 во Италија каде ќе се заложи за координирани санкции кон Иран.

Тој претходно го обвини Техеран дека стои „зад толку многу малигни активности“ на Блискиот Исток и ги повика другите земји да преземат мерки за ограничување на влијанието на Иран.

САД и ЕУ размислуваат за дополнителни санкции, а Израел ги повикува своите сојузници да го назначат Корпусот на иранската револуционерна гарда (IRGC), главната воена, политичка и економска сила во Иран, како терористичка организација.

Повеќе од половина вработени во Уставниот суд пријавени за давање крв

Повеќе од половина вработени во Уставниот суд пријавени за давање крв во акција по повод шестдеценискиот јубилеј.

Повеќе од половина вработени во Уставниот суд пријавени за давање крв во денешната акција што сами ја организираа по повод шестдеценискиот јубилеј. Како што информира утрово претседателката на Судот Добрила Кацарска, со ова институцијата ја покажува и својата хумана страна.

-Уставниот суд одбележува 60 години постоење и по повод овој јубилеј најави низа активности. Вработените дадоа идеја една од тие акции да биде и крводарителската, што значи Судот ја покажува и својата хумана храна. Повеќе од половината вработени се пријавија за давање крв или од вкупно 60 повеќе од 30 се согласни да дадат крв, изјави Кацарска.

Акцијата се одржува под мотото „Биди хуман - спаси живот”, во соработка со Црвен крст на Република Македонија. Почна во 9 и ќе трае до 14 часот.

Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето крв и мотивирање на поголем број луѓе за доброволно дарување.

Мадуро: Војната на Украина против Русија е планирана најмалку 20 години

САД планираат и иницираат воени конфликти ширум светот: против Русија, Палестина, Кина, изјави венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

„САД планираа серија воени конфликти, а за тоа сведочи издвојувањето на 95 милијарди долари за овие цели. Војната на Украина против Русија беше планирана најмалку 20 години за да ја уништи моќта на Русија, но САД не успеаја да го направат тоа. Денес Русија е посилна економски, политички, социјално, технолошки и воено“, изјави венецуелскиот лидер во авторската емисија „Со Мадуро плус“.

Војната во Палестина се води за да се „консолидира моќта на ционизмот на Блискиот Исток“, истакна Мадуро и посочи дека САД „денес се обидуваат да започнат војна во Тајван против братската Кина“.

Тој, исто така, истакна дека САД формирале база за ЦИА и Јужната команда на американските вооружени сили на територијата на Гвајана Есекибо, која Венецуела ја смета за дел од својата земја.

„Тие планираат да започнат воен конфликт овде“, изјави претседателот на Венецуела и заклучи дека за САД војната е политичка и економска работа.

Хутите нападнале товарен брод во грчка сопственост

Според истите информации товарниот брод „Кикладес“ бил нападнат со три проектили и дронови, но продолжил да плови.

Товарен брод во грчка сопственост што плови под знамето на Малта бил на мета на напад од Хутите во Црвеното море, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации товарниот брод „Кикладес“ бил нападнат со три проектили и дронови, но продолжил да плови.

Паралелно, на мета на напад на Хутите биле и уште еден товарен брод, како и два американски воени бродови.

притисни ентер