Американски агент сакал да му продаде тајни на руски разузнувач- осуден е на 22 години затвор

Џарех Себастијан Далк (32), поранешен агент на Националната агенција за безбедност (НСА), е осуден на 22 години затвор поради продажба на доверливи информации.

Како што пренесува порталот politico.com, Далк се обидел да продаде доверливи информации на таен агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) за кого мислел дека е агент на руската разузнавачка служба.

Судијата Рејмонд Мур, по изрекувањето на пресудата, рече дека можел да го осуди Далк на подолга затворска казна, нарекувајќи ја казната од 262 месеци „милост за неговите пресметани намери да се вработи во НСА за да може да продава доверливи информации“.

„Ова беше бесрамно. Беше дрско и, според мене, намерно. Тоа беше предавство и беше блиску до предавство колку што може да биде“, рече судијата Мур.

Адвокатите на осудениот, кој е и воен ветеран, минатата есен ја признаа вината за шпионажа како дел од договорот со обвинителството, поради што бараа тој да добие 14 години затвор. Тие го истакнаа фактот дека доверливите информации од значење за националната безбедност не завршиле во рацете на непријателот и дека не е направена никаква штета.

Помошникот јавен бранител Дејвид Краут нагласи дека Далк претрпел трауматска повреда на мозокот и дека во четири наврати се обидел да се самоубие. Далк изјавил дека пати од посттрауматско стресно растројство, биполарно растројство и опсесивно-компулсивно растројство. На судењето тој негирал дека неговиот мотив за продажба на тајни информации биле пари.

Според судските документи, Далк, кој бил во НСА околу еден месец, му рекол на таен агент на ФБИ дека сака да „предизвика промени“ откако ја испрашувал улогата на Соединетите Држави да му наштети на светот, но исто така рекол дека има долг од 237.000 долари. Тој исто така рече дека одлучил да работи со Русија бидејќи неговото потекло е „врзано со таа земја“.

На Далк првично му биле исплатени 16.499 долари во криптовалута за извадоци од некои документи што му ги дал на агентот за да му покаже што има, а потоа му понудил да ги продаде останатите информации што ги имал за 85.000 долари, според договорот за вина. Агентот му наложил да оди на железничката станица во центарот на Денвер на 28 септември 2022 година и да ги испрати документите користејќи сигурна дигитална врска.

Далк пристигнал носејќи го својот лаптоп и најпрво искористил интернет врска за да испрати белешка за благодарност на руски јазик во која рече дека „со нетрпение го очекува нашето пријателство и заедничка корист.“

Според обвинението, информациите што Далк сакал да ѝ ги продаде на Русија вклучувале проценка на заканите за воените офанзивни способности на трета, неименувана земја. Тие исто така вклучуваат опис на чувствителни американски одбранбени способности, од кои некои се однесуваат на истата странска земја.

Неколку земји-членки на ЕУ бараат Украина во јуни да ги почне преговорите за членство

Неколку земји-членки денеска побараа од ЕУ да ги почне преговорите за членство на Украина и на Молдавија во јуни, но Унгарија се закани дека ќе биде против.

ЕУ во декември се согласи да отвори преговори со Украина и со Молдавија, но за да почнат преговорите земјите-членки треба да потпишат формална рамка за процесот, предложена во март од Брисел.

На состанокот во Брисел, францускиот министер за прашања на ЕУ, Жан-Ноел Баро повика на „ефикасно отворање на преговорите“ пред да заврши ротирачкото претседателство на Белгија на крајот на јуни.

Додека портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач истакна дека „не може да има исклучок врз основа на политички или идеолошки размислувања“.

- Има многу мал, ако воопшто има, напредок. Повторно, можам да ви повторам дека членството, одобрувањето треба да биде процес заснован на заслуги. Без исклучоци, посочи Ковач.

Друга можна пречка може да дојде од формирањето на нова десничарска влада во Холандија, што се спротивставува на какво било ново проширување на ЕУ.

Украина поднесе барање за членство во ЕУ по рускиот напад во февруари 2022 година. /МИА

Амбер Алерт Европа ја стартува кампањата „Провери. Размисли. Пријави“, во Македонија и 15 земји

На улица, на игралиштата и во парковите, сами или во метеж, или пак преку онлајн навлекување, предаторите ги користат сите можни механизми да дојдат до децата.

На улица, на игралиштата и во парковите, сами или во метеж, или пак преку онлајн навлекување, предаторите ги користат сите можни механизми да дојдат до децата, а само во Европа, над 300.000 годишно насилно се одземаат од своите родители, а голем дел од нив никогаш повеќе не се соединуваат... Сепак борбата против овој грозоморен чин продолжува... Амбер алерт Европа ја стартува кампањата под слоганот „Провери. Размисли. Пријави“, во 16 земји од кои дел ќе биде и Македонија, преку која ќе се советуваат граѓаните како да постапат во случај на исчезнато дете...

- Министерството за внатрешни работи учествува во кампањата на фондацијата „Амбер алерт“ која што се спроведува овој месец во насока да ја подигнеме свеста кај граѓаните и да укажеме на граѓаните, доколку имаме случај на исчезнато лице како треба да се постапува и што треба да се направи. Името на кампањата го дефинира нејзиниот основен совет: „Проверете“ за да го потврдите отсуството на детето. „Размислете“ за да се потсетите на најважните детали и да ја процените ситуацијата и „Пријавете“ за да ги алармирате надлежните,- - МВР.

Дел од оваа кампања ќе биде и платформата „Најди ме“ која беше лансирана по исчезнувањето на Вања Ѓорчевска. Од таму велат дека во училиштата мора да има сериозна едукација на децата како да се заштитат и да ги проценат опасностите, а воедно упатија и неколку совети за заштита до родителите и младите за заштита од предатори.

-Секое сомнително комуницирање, во смисол сомнително со лице прво не го познаваме, запознавање на лица преку интернет и барање за средба од нивна страна да не се прифаќа. Најголем предизвик е кај најмладите, малите деца знаете, имаат ограничена едукација, немаат образование почнато, можеби слабо зборуваат, комуницираат со било кој да им се приближи, такви се децата, доверливи се, може да ги излажат со едно чоколатце или лижавче, секако за нив сме ние возрасните одговорни,- -Александра Радевска – новинар – платфортма „Најди ме“.

Последниот случај на нерешено исчезнување на дете во земјава се случи во 2022 година. Сликата на Петар Џобески кому му се изгуби секаква трага и глас на 11 годишна возраст се уште стои на страницата на МВР во делот на исчезнатите лица...

притисни ентер