Битиќи: Не смееме да дадеме шанса ВМРО-ДПМНЕ да ја загрози европската иднина

„Потребно е СДСМ да биде водечкиот глас во Владата и во Собранието, потребно е поради иднината на државата и за зачувување на европските перспективи на идните генерации. “

„Наследниците на Груевски не смеат да добијат преголема моќ, тоа е опасност за европската иднина“, порача на денешните средби со жителите на скопската општина Гази Баба, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.

Тој порача дека не е време за откажување, за кревање на рацете од битката за Македонија и затоа на 8-ми мај треба да се спротивставиме на желбите за изолација.

„Мораме да се сплотиме за да ги одбраниме нашите европски вредности и да ја одбраниме нашата држава од разорните политики и желбата за изолација на наследниците на десничарскиот режим на Груевски“, рече Битиќи.

Потпретседателот на СДСМ, Битиќи предупреди дека доколку се дозволи на парламентарните избори да се врати нереформираното ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба многу време за земјата повторно да се врати на вистинскиот пат.

„Секој од нас има важна улога во обликувањето на судбината на државата, никој не е изоставен од одговорноста. На 8-ми мај секој глас еднакво се брои. Секој глас нема да биде само заокружување на број, туку влог во наследството кое ќе го оставите зад себе“, порача на жителите на оваа скопска општина, во населбата Железара, Битиќи, воедно нагласувајќи дека грешките во владеењето може да се поправат, но поделбите предизвикани од национализмот не се надминуваат лесно.

Битиќи посочи дека СДСМ има јасна програма и план со кои ќе ѝ донесе добро на Македонија.

„Гласот за ВМРО-ДМНЕ не ѝ носи добро на Македонија, а само со заокружување на бројот еден може да одиме напред и да изградиме подобра држава за нашите деца, држава во која тие ќе сакаат да живеат. Може да нè казните, но истовремено ќе ги казните и сопствените деца. Краткорочната казна за прогресивните политички сили ќе има долгорочни последици. Затоа, потребно е силно СДСМ во Собранието“, порача Битиќи, се наведува во партиското соопштение.

Клисаровска: Дневната болница не е затворена

Точно е дека пациенти на Онкологија чекаат со часови бидејќи немаме доволно персонал, вели Клисаровска.

Дневната болница на Клиниката за онкологија не е затворена, информацијата е погрешна. Баш напротив, не само што не е затворена, туку работи со полна пареа. Само да, пациентите чекаат со часови. Терапиите се повеќечасовни во најголем дел од случаите, траат по пет и шест часа. Работиме со натчовечки напори, изјави денеска за МИА, в.д. медицинскиот директор на Клиниката, Виолета Клисаровска.

-Ако зборуваме за дневна болница, во делот на медицинските сестри кои таму работат, најмалку треба да ги дуплираат по број. Одлив на кадар имаме постојано и сѐ повеќе од сестрите најавуваат дека ќе си одат, бидејќи ова станува неиздржливо. На цела работа, уште работат и под притисоци и под закани. Во слободни денови ги викаме од дома, појасни таа.

Клисаровска рече дека дисперзијата под итно треба да се случи. Таа кажа оти ги разбираат пациентите кои имаат мака, сакаат да дојдат и да бидат веднаш услужени, но, додаде дека здравствените работници не се во можност тоа да им го пружат, па мора да се чека.

Од Клиниката за онкологија за МИА кажаа и дека во дневната болница работат и бремени сестри, опслужува и сестра која е нивен пациент со малигна болест. За жал, како што велат, има нервозни пациенти, кои се туркаат и ги вреѓаат здравствените работници на клиниката. /МИА

Неколку земји-членки на ЕУ бараат Украина во јуни да ги почне преговорите за членство

Неколку земји-членки денеска побараа од ЕУ да ги почне преговорите за членство на Украина и на Молдавија во јуни, но Унгарија се закани дека ќе биде против.

ЕУ во декември се согласи да отвори преговори со Украина и со Молдавија, но за да почнат преговорите земјите-членки треба да потпишат формална рамка за процесот, предложена во март од Брисел.

На состанокот во Брисел, францускиот министер за прашања на ЕУ, Жан-Ноел Баро повика на „ефикасно отворање на преговорите“ пред да заврши ротирачкото претседателство на Белгија на крајот на јуни.

Додека портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач истакна дека „не може да има исклучок врз основа на политички или идеолошки размислувања“.

- Има многу мал, ако воопшто има, напредок. Повторно, можам да ви повторам дека членството, одобрувањето треба да биде процес заснован на заслуги. Без исклучоци, посочи Ковач.

Друга можна пречка може да дојде од формирањето на нова десничарска влада во Холандија, што се спротивставува на какво било ново проширување на ЕУ.

Украина поднесе барање за членство во ЕУ по рускиот напад во февруари 2022 година. /МИА

притисни ентер