Ди Каприо како Френк Синатра во новиот филм на Мартин Скорсезе

Американскиот глумец Леонардо ди Каприо наводно ја добил улогата на Френк Синатра во новиот филм на режисерот Мартин Скорсезе.

Проектот е во рана претпродукција.

Улогата на Ава Гарднер, според првичните наводи, ќе ѝ припадне на Џенифер Лоренс, со која Ди Каприо глумеше на филмот „Не гледај нагоре“ (Don't Look Up) којшто беше номиниран за неколку „Оскари“.

Следува период на променливо облачно време со локален дожд

Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени.

По ерупцијата на вулканот Руанг во Индонезија, се уште трае евакуацијата на населението

 Стотици жители на индонезискиот остров Тагуланданг денеска чекаа на пристаништето на островот да бидат евакуирани, додека сив чад продолжи да излегува од кратерот на вулканот Руанг.

Вулканот на островот Руанг еруптираше вчера и исфрли лава, поради што властите евакуираа повеќе од 12.000 луѓе од блискиот остров Тагуланданг.

По вчерашната ерупција, индонезискиот Центар за вулканологија и геолошки опасности го подигна нивото на тревога за вулканот Руанг на највисоко ниво и ги предупреди жителите на островот Тагуланданг дека паѓањето на карпите и лавата во океанот може да предизвика цунами.

„Персоналот за пребарување и спасување од Манадо евакуира 109 жители на Тагуландан до пристаништето Мунте, додека стотици се уште чекаат во пристаништето Минанга да бидат евакуирани“, соопшти денеска Националната агенција за пребарување и спасување.

Жителите ќе бидат евакуирани во областа Северна Минахаса на индонезискиот остров Сулавеси. Властите го продолжија прекинот на работењето на аеродромот „Сем Ратуланги“ во Манадо до утре во 12 часот. /МИА

Штербик преживеа срцев удар

Поранешниот ракометен голман на Вардар, Арпад Штербик имал срцев удар, објави унгарскиот клуб Веспрем.

Во информацијата на клупската страница на Веспрем стои дека Штербик вчера наутро имал срцев удар и веднаш бил хоспитализиран.

- Нашиот тренер на голманите Арпад Штербик не патуваше со тимот за мечот од ЛШ со Алборг. Арпи се чувствуваше лошо утрото, отиде во болница каде што му беше дијагностициран срцев удар. Благодарение на брзата лекарска интервенција, Штербик денеска се чувствува подобро и веќе утре би требало да го напушти одделението за интензивна нега. Му посакуваме на Арпи брзо опоравување и со нетрпение го очекуваме неговото враќање, објави Веспрем.

Штребик беше дел од тимот на Вардар кој го освои првиот трофеј во Лигата на шампионите.

притисни ентер