ДПМ одбележа 71 година, редовно изборно собрание во април

Друштвото на писателите на Македонија е асоцијација на уметници со најдолга традиција на дејствување во земјава, кое во изминатите седум децении обедини 540 писатели со различни естетски определби кои творат во различни книжевни жанрови и пишуваат и објавуваат на својот мајчин јазик, рече претседателот на ДПМ Веле Смилевски во речта по повод 71-виот роденден на македонската писателска асоцијација.

Најавувајќи го редовното изборно собрание во април, Смилевски истакна дека треба да им се даде можност на, како што рече, оние колеги и колешки кои имаат мотив, желба, енергија и знаење да ја трасираат патеката на асоцијацијата во осмата деценија на нејзиното постоење.

- Со задоволство можеме да констатираме дека Друштвото на писателите на Македонија има такви потенцијали, а на членовите на оваа асоцијација им останува да ги изберат најдобрите..., рече Смилевски, нагласувајќи и дека по четири години раководење на ДПМ на новото Претседателство ќе му остават во наследство стабилна финансиска состојба, а до април нема да потрошат ни денар од буџетот за 2018 година.

Во оваа пригода Смилевски „од посателски аспект“, како што рече, се осврна и на актуелните тенденции за решавање на проблемот за името на Република Македонија.

- Потсетуваме дека никој нема право да посега по идентитетот на македонскиот народ во ниту еден сегмент од она што значи суштина на одредницата идентитет, а тоа е името, јазикот, историјата, битот. Ние на светот и на Европа им сме потребни со тоа што сме, а тоа право, што им припаѓа на сите народи на оваа планета, не подразбира зацртување на некакви црвени линии, туку природен процес во развојот, со свои специфики и вредности, рече првиот човек на ДПМ на собирот по повод 71 година од формирањето.

Смилевски ги соопшти и активностите на ДПМ во минатата, јубилејна година, меѓу кои беше и чествувањето на првиот претседател на Друштвото, Блаже Конески, во чија чест лани востанови награда „Повелба Блаже Конески“. Таа ќе се доделува на секои пет години за високи творечки вредности, а прв добитник беше академик Матеја Матевски. Во изминатите четири години, рече Смилевски, во Друштвото биле примени триесетина млади членови со просечна возраст од 26 години.

Традиционално на роденденскиот собир на ДПМ беа врачени и петте годишни награди за најдобри книжевни дела во изминатата (2017) година.

Наградата за најдобро прозно дело „Стале Попов“ ја доби Јагода Михајловска-Георгиева за романот „Манастир Фуентерабија“. Ристо Василевски ја доби наградата „Ацо Шопов“ за поетската книга „Оди во кругот“, Ангелина Бановиќ-Марковска е добитничка на „Димитар Митрев“ за книгата есеи „Дискурс и екскурс“, на Васил Мукаетов му беше врачена наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца - за стихозбирката „Скокни, прескокни“, а Љерка Тот Наумова ја доби наградата „Книжевен мост“ за книга објавена на некој од јазиците на националностите - за „Невидлива врата“, книга поезија на хрватски јазик.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година од писателите: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле, Ацо Шопов и Блаже Конески - кој бил и негов прв претседател. /МИА

Кина испрати воени авиони кон Тајван откако американскиот државен секретар го напушти Пекинг

Тајван денеска извести за обновени кинески воени активности во близина на островот, откако 12 авиони ја прелетаа чувствителната централна линија на Тајванскиот теснец.

Тајван денеска извести за обновени кинески воени активности во близина на островот, откако 12 авиони ја прелетаа чувствителната централна линија на Тајванскиот теснец, еден ден откако американскиот државен секретар Антони Блинкен ја заврши посетата на Кина.

САД се најважниот меѓународен поддржувач и снабдувач на оружје на Тајван и покрај немањето формални дипломатски односи. Блинкен рече дека ја истакнал „критичната важност“ на одржувањето на мирот и стабилноста преку Теснецот, додека бил во Кина, пренесува Радио Слободна Европа.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека денеска открило 22 кинески воени авиони, вклучително и ловци Су-30, до 9:30 часот (сабота, 1:30 часот по средноевропско време), од кои 12 ја преминале централната линија кон северот и централниот дел на Тајван.

Линијата некогаш служеше како неофицијална граница меѓу двете страни што ниту една војска не ја преминала, но кинеската авијација сега редовно испраќа авиони над неа. Кина не го признава постоењето на линијата.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека авионите биле ангажирани во „заеднички патроли за борбена готовност“ со кинески воени бродови, додавајќи дека тајванските авиони и бродови одговориле „соодветно“. Други детали не се соопштени.

Реал се откажа од трансферот на Дејвис

Лидерот во шпанското првенство Реал Мадрид ги прекина преговорите за потписот на дефанзивецот на Баерн Минхен, Алфонсо Дејвис во претстојниот летен преоден рок, објавија денеска шпанските медиуми.

Според „Релево“, Реал ги променил приоритетите во плановите за засилување на одбранбената линија пред почетокот на следната сезона.

Реал постигна вербален договор со левиот бек Дејвис, но приоритетна трансфер цел на Кралскиот клуб во дефанзивата сега е централниот бек на францускиот Лил, Лени Јоро.

Според медиуми, Дејвис би можел да му се приклучи на Реал, но по крајот на следната сезона, кога му истекува договорот со Баерн.

Трипуновски: Извршивме порибување на рекреативната зона акумулацијата Градче со 185кг крап

Извршивме порибување на рекреативната зона акумулацијата Градче со 185кг подмладок на крап.

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на Кочанскиот регион и општина Чешиново-Облешево каде што оствари повеќе средби со земјоделците од овој регион, но исто така изврши и порибување на акумулацијата Градче.

Денеска заедно со пратениците, градоначалникот и концесионерот извршивме порибување на акумулацијата Градче со 185 килограми подмладок на крап. Подмладокот е обезбеден од репро центарот Акватика и истиот поседува здравствен сертификат, порибувањето се изврши во присуство на инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство. - изјави Трипуновски.

Порибувањето се врши се со цел одржување на рибниот фонд во акумулациите ширум територијата на Република Македонија и овозможува одржување на водниот свет како и можност за рекреативен риболов.

Зачувување на рибниот фонд во Република Македонија е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе извршиме порибување и на останатите акумулации за да го зачуваме еко системот и рибниот фонд во Република Македонија.

притисни ентер