Огненовски: Обединување со народот, не со партии што учествувале во штетни процеси за државата

„Изборниот законик е криминален, донесен нелегално во Собранието“

Кандидатите што влегоа во втор круг за претседателски избори не се квалитетни, доаѓаат од две криминални и злосторнички здуженија, двете партии 33 години ја уништуваат државата и не работат за добро на народот. Сите политички партии треба да имаат исто право за учество на Претседателските избори, итна промена на законот и да нема лимит дека треба да се соберат десет илјади потписи. Изборниот законик е криминален, донесен нелегално во Собранието. Да се обединиме со народот, не со партиите што учествувале во штетни процеси за државата, за жал такви партии што не учествувале во криминалот се многу малку, рече Јорго Огненовски во Само Вистина.

Доналд Трамп најави правни мерки против автори на филм за неговиот живот

Новиот филм за Доналд Трамп, „Приправник“ (The Apprentice) вчера ја имаше својата светска премиера на Канскиот филмски фестивал, привлекувајќи главно добри оценки од критичарите, но и закани за правни последици од поранешниот претседател на САД.

Филмот е издаден додека судењето на Трамп во Њујорк сѐ уште трае, како и во пресрет на претседателски избори во САД во ноември. Насловот за филмот е преземен од натпреварувачкото бизнис-реално шоу на Трамп, додека тој беше познато ТВ-лице, но приказната почнува во 1980-тите.

Авторот - иранско-данскиот режисер Али Абаси претставува неколку брутални настани што наводно се случиле зад затворени врати. Во една од сцените, Трамп ја силува Ивана. Директорот за комуникации на кампањата на Трамп, Стивен Чеунг изјави дека ќе бидат преземени правни дејствија за „лажните тврдења“ од филмаџиите.

- Ова ѓубре е чиста фикција којашто ги сензационализира лагите што одамна се разоткриени. Ова е мешање во изборите од страна на холивудските елити, кои знаат дека претседателот Трамп повторно ќе ја преземе Белата куќа и ќе го победи нивниот избраник бидејќи ништо што тие направиле - не функционирало, нагласи Чеунг.

Како одговор, Абаси рече пред новинарите во Кан: - Тимот на Доналд треба да почека, прво нека го погледнат филмот пред да почнат да нѐ тужат.

Премиерата на „Приправник“ на францускиот Филмски фестивал се одржа во денови кога на Трамп сѐ уште му се суди на Менхетен. Тој, патем, одрече дека фалсификувал извештаи за да ја прикрие исплатата кон порноѕвездата Сторми Даниелс во врска со наводните сексуални средби. /МИА

Чешката полиција обвини 14 лица за шверц на луѓе од Турција

Чешката полиција соопшти дека обвинила 14 лица за шверц на најмалку 2.000 луѓе во Европа, главно од Турција од 2021 година.

Тие се во притвор и ќе се соочат со 16 години затвор доколку бидат осудени, изјави Јарослав Ибехеј, портпарол на одредот за организиран криминал, на веб-страницата на чешката полиција.

„Полицијата проценува дека групата заработила најмалку два милиони евра од нивните активности“, додаде тој.

Групата ги носела мигрантите во Чешка и други земји од Европската унија. Ибехеј рече дека полицијата запленила околу 40.000 долари во готовина, два автомобили и една куќа. /МИА

Руски физичар осуден на 14 години затвор поради предавство

Руски физичар Анатолиј Маслов, кој работеше на развој на суперсонични проектили, денеска од судот во Санкт Петербург е осуден 14 години затвор во казнена колонија за предавство.

Судењето се одвиваше зад затворени врати, а 77-годишниот Маслов изјави дека е невин. Неговата одбрана ги известила властите дека Маслов на почетокот на годината доживеал срцев удар и оти долгогодишната затворска казна за него ќе значи смртна казна.

Тој е еден од тројцата научници и експерти за хиперсонична брзина од Сибирскиот институт, кои се уапсени во 2022 година под обвинение за предавство.

Адвокатот Евгениј Смирнов изјави дека обвиненијата против тројцата научници од Институтот за теоретска и применета механика (ИТАМ) во Новосибирск се речиси исти, а тие се обвинети дека објавиле информации кои се сметаат за државна тајна на меѓународна конференција.

Според Смирнов пресуда против Маслов е прекршување на законот.

Во отвореното писмо колегите на тројцата научници од ИТАМ пишуваат дека податоците презентирани од научниците на меѓународни форуми биле постојано проверувани за да се осигури дека не содржат доверливи информации.

Тие исто така предупредија дека ваквите случаи имаат застрашувачки ефект врз младите руски научници.

- Сега најдобрите студенти ги одбиваат понудите да се приклучат на научната заедница и да дојдат да работа со нас, а нашите најдобри млади вработени ја напуштаат науката, се предупредува во писмото.

Фото: themoscowtimes

притисни ентер